Весна Димчевска, Хорот „Пиколо“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, колективен член на амбасадата Меѓаши!.pdf
1. Весна Димчевска, Хорот „Пиколо“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, колективен член
на амбасадата Меѓаши!
Музиката е уметност, музиката чуда прави, а можеме ли да замислиме какво би било детството
без музика, без песна, без мелодија, она што најдлабоко допира и најдалеку пренесува порака, па
дури и лекува, во предмалку споменатиот случај на господинот Драган Мијалковски? Дури и во
најтешките моменти, таа е мелем, ги развеселува детските срца, кои впрочем најмногу ѝ се
радуваат.
Во овие 30 години, Детскиот хор „Пиколо“ е музички заштитен знак на Амбасадата и колективен
член. Тие се речиси и „врсници“. Диригентката Весна Димчевска ја открива нивната заедничка
историја.
-Хорот „Пиколо“ е формиран во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија
Николовски-Луј“, од Скопје. Како вработена во истиот, го формирав 1988 година и оттогаш сѐ уште
го водам. Нашата соработка со МЕЃАШИ почна 1991 година, веднаш по нашиот целовечерен
концерт насловен како „Духовна музика“, а одржан во Куршумли ан. Веднаш по концертот, ми се
јавија Гордана и Драги Змијанац, основачите на Амбасадата, со предлог „Пиколо“ да стане нивни
колективен член, а јас пак член на колегиумот. Прифатив со задоволство и станав дел од
колегиумот. Одлуката со која „Пиколо“, се назначува за колективен член на Детската амбасада
беше донесена на 22.11.1991 година и оттогаш, без разлика што Хорот си има своја матична куќа −
училиштето, си има и почесно место во Амбасадата за деца МЕЃАШИ.
Професорката ја истакнува својата среќа за заедничката работа со МЕЃАШИ .
2. - „Во МЕЃАШИ наидов на сродни души, тие согледаа дека многу сакам деца и дека во недостаток
на лично мои, се вложувам максимално во нив“, раскажува Весна.
За време на војната во Босна и Херцеговина била инволвирана во активностите на Амбасадата,
како логистика била покрај нив.
- На 9 јули 1992 година, на Скопскиот градски стадион се одржа добротворен концерт со цел
финансиски да им се помогне на босанските бегалци, во чија организација учествуваа и МЕЃАШИ.
„Пиколо“ ја изведе „Хорот на Евреите“, од операта „Набуко“, од Верди... Таа ситуација, како и
многу други, нѐ спои со бегалците уште повеќе, се дружевме, а со некои и ден денес сме во
контакт.
-Следен голем чекор беше отворањето на Мировната конференција во Охрид, организирана од
Хелсиншкиот парламент, на 40 земји од Европа и УСА, каде „Пиколо“, како претставник на
Детската амбасада, изведе дел од својата програма.
Позитивно е што децата секогаш кога настапуваат за МЕЃАШИ чувствуваат радост, знаејќи дека
учествуваат за добробит на сите нивни врсници.
Волонтерството во Амбасадата за Димчевска, е позитивна работа.
- Мене желбата ме водела цел живот. Чест ми е што сум дел, односно волонтер во оваа Амбасада.
Горде и Драги многу ги почитувам и сакам. Тие навистина останале доследни на својата замисла и
мисија. Во рамките на таа мисија се оствари и дел од мојата мисија, така што секој вградил
значајно место во еден заеднички успех...
Но, она што таа вели е најглавно, што аудиокасетата која произлезе од Концертот на духовна
музика, на која како композитор, аранжер и изведувач се појавува композиторот Димитрије
Бужаровски, МЕЃАШИ ја дистрибуира до низа еминентни личности, миротворци низ цел свет, како
порака од Првата детска амбасада од Македонија, како подарок и благодарност. Касета доби и
Хилари Клинтон, се потсетува Весна.
И на крај, како јаготка на шлагот, видеоспотот на божиќната песна „Тивка ноќ“ (Silent Night), од
Франц Грубер, во аранжман на Димитрије Бужаровски, остварен на 23.12.1993 во Скопје, во
соработка со Детската амбасада МЕЃАШИ и Каритас, а во реализација на МРТВ. Видеоспотот беше
музичка порака за сите деца во светот.
***
Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-
2022
Монографијата можете да ја прочитата на следната страна bit.ly/3MuRkxa