ЈОВО ДИМИТРИЈЕВИЌ:, новинар од Сараево: „Тоа што го направи МЕЃАШИ е немерливо на било кој кантар!
1. Сеќавања
ЈОВО ДИМИТРИЈЕВИЌ, новинар од Сараево: „Тоа што го направи МЕЃАШИ е немерливо на било
кој кантар! “
-Драга Весна, само да знаеш колку се израдував кога ја добив Твојата порака со посредство на
оваа „шејтан кутија“. Пред сè се интересирам за Твоето здравје. Често мислам на Тебе и на сите
добри луѓе во Скопје каде поминав две години како прогонет од моето родно Сараево само затоа
што ми натурија некој наципредзнак. Бев сам, а ВИЕ ме прифативте како нај-роден. Кога велам
ВИЕ, тогаш мислам на сите добри луѓе кои се имаа собрано околу Детската амбасада за да им
помогнат на луѓето од БиХ на чело со Коле, Гоца и Драги. Тука стекнав свој привремен дом. Вие, а
и колегите новинари, посебно од РТВ Скопје, сте ми помогнале да си го повратам човечкото
достоинство, да чекорам повторно исправено. Јас настојував колку толку да се оддолжам со
своето вклучување во реализација на програмата на Детската амбасада околу грижата и
згрижувањето на сите прогонети и бегалци. Твојата работа на музичка едукација ќе ми остане во
вечно сеќавање, а посебно нашето дружење кога и со својата сестра знаеше да ме охрабриш и да
ми ја повратиш вербата дека пак ќе се сретнам со своите најмили. Твојот Детски хор, кој со
задоволство го слушав, секогаш ме потсетува на Виенските момчиња. Драга Весна, (диригент на
„Пиколо“) , тоа што го направи ДЕТСКАТА АМБАСАДА во Скопје е немерливо на било кој кантар.
Зборовите на благодарност се само делче од она што би можело да се каже. Ние кои сега сме
распрснати по цел свет, треба само да ја зборуваме вистината и ќе биде доволно барем така да им
се оддолжиме на добрите луѓе од Детската амбасада, Скопје и Македонија. Јас од моја страна
многу често, посебно кога ќе се случат некои катастрофи во светот, за жал, ги има сè повеќе,
говорам дека примерот на Скопската ДЕТСКА АМБАСАДА треба да послужи како пример на многу
хуманитарни и добротворни организации како да им се помогне на луѓето во неволја. Поздрав до
Тебе и до сите добри луѓе од Детската Амбасада, до Скопје и до Македонија.
***
2. (Јово Димитријевиќ почина во Канада на 16 ноември 2016 година. Тој беше врвен спортски
новинар од Босна и Херцеговина, кој несебично се посвети на мисијата на Детската амбасада
МЕЃАШИ. Ќе го памтиме по неговата ведрина, смисла за хумор, поддршката и охрабрувањето кои
ни ги даваше постојано. Посебните луѓе и кога не се на овој свет, остануваат да живеат во нашите
срца).
Монографијата можете да ја прочитате на следната страна bit.ly/3MuRkxa