1. Намалување на предрасудите кај најмладите со можност родителите да ги запишуваат своите деца во мултијазични градинки. Оваа мерка треба да овозможи нашите деца полека да ги ослободуваме од етничките прерасуди и да им овозможиме комуникација во која, пред се, ќе се почитуваат. Да им овозможи комуникација и меѓусебно разбирање и намалување на цикличните етнички тензии. 2. Креирање нов предмет во образованието под наслов „Мултикултурно општество“, пред се, наменет за гимназиското образование. Долго време се чувствува потреба од формирање на еден ваков предмет кој би помогнал да се научи нешто повеќе за начинот како да се уреди едно вакво општество и за успешните модели на соживот. Ова е еден од поважните предизвици за нашето општество денес. 3. Стипендирани постдипломски студии од општествени науки за дел од студентите на Тетовскиот универзитет со висок просек на македонски јазик. Ако сакаме да градиме заеднички политики, тогаш е потребен јазик на кој тоа ќе го правиме. Мора да постои лингва франка, или јазик на заедничка комуникација. Еве можност особено за студентите кои претендираат на работа во државните институции и администрација да го надградат своето знаење и да го подобрат македонскиот јазик. 4. Финансиска поддршка за успешни студиски групи на приватните универзитети кои имаат 5 и повеќе факултети и над 1000 редовни студенти. Редно е неколку приватни универзитети кои вложија капитал и инвестираа многу во образованието а притоа постигнаа забележителен успех да може да конкурираат со најдобрата програма за директна државна финансиска поддршка. (Какви што се Штуловиот и Универзитетот ФОН) 5. Спроведување на државен натпревар по историја и култура меѓу средношколците, но за историјата и културата на сите заедници со медиумска поддршка на натпреварите. Оваа мерка ќе овозможи образовен натпревар, но и поголемо запознавање и дружење на младите средношколци. Проекти со ваква содржина ќе придонесат за намалување на изолацијата и паралелизмот во општеството. Со еден ваков проект ќе се придонесе за поголемо приближување на заедниците и учење за другиот преку игра и забава.